Дури 8,5 милиони евра треба да исплати Министерството за здравство поради раскинување на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тодоров го потпиша, Филипче го раскина а сега Беким Сали ќе ги плаќа пеналите на италијанската фирма, дознава „Сител“. Според информациите на телевизијата, во МЗ веќе стигнале две писма од компанијата и правниот тим бара начини како да ги намалат милионите но и да не плаќаат заостаната камата со која сумата ќе биде драстично поголема.

Од Министерството за здравство ниту ја демантираат ниту ја потврдуваат информацијата дека ќе треба да потрошат многу пари за раскинување на договор.

Колку за споредба, 8,5 милиони евра кои за ништо ќе бидат оддлеани од буџетот е сума колку што чини новата детска болница во Козле, или, пак, набавка на 4 нови линеарни акцелератори за онколошки пациенти.

Во 2017 година кога Никола Тодоров како технички министер го потпиша договорот со италијанската фирма кажа дека новиот објект ќе биде изграден за 5 години и ќе чини 72 милиони евра. Сега на ова место позади ќе имаше готов проект, но наместо тоа надлежните ќе плаќаат пенали а за нов клинички комплекс нема ниту сериозни најави каде ќе биде и кога ќе го градат.

Претходниот министер за здравство Венко Филипче ниту еднаш не потврди дека фирмата со која го раскинаа договорот ќе бара плаќање на пенали. Арбитражен суд е една опциите на сегашниот прв човек во здравствениот систем за да не даде толку многу пари во време на економска криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.