Пензионери од Тетово вечерва од 18 часот се собраа на градскиот плоштад за да искажат незадоволство и да побараат власта да ги зголеми ниските пензии затоа што тешко се справуваат.
– Бараме нешто што ни следува. Линеарно зголемување кај сите пензионери за 3.500 денари, покачување на минималната пензија на 18 илјади денари, да се врати бањско-климатското лекување на пензионерите, да се стават што повеќе лекови на позитивната листа, да нема партиципација при прегледи во здравство. Едноставно, работи што навистина ни следуваат, рече Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери.
Пензионерката Ленче Симовска порача дека младите гледајќи ги проблемите на повозрасните си заминуваат од државата.
– Дали власта не гледа дека секојдневно излегуваме на улици и бараме спас за нашиот достоинствен живот. Денес изјавија дека само 6 отсто можеле да ни дадат. Велат дека пензискиот фонд немал пари. Не е точно тоа. Пензискиот фонд има пари. Прашањето е каде отишле тие пари. Секојдневно нашите деца и внуци не гледаат како излегуваме на овие протести и не прашуваат дали и тие ќе го доживеат ова. Дали и нив ги чека ваква иднина. Затоа тие деца денес ние бегаат по бел свет. Не бегаат тие од нас, бегаат од системот, се плашат за иднината, истакна Симовска.
Досега, пет недели по ред, тетовските пензионери се собираат пред објектот на Здружението на пензионери каде јавно ги истакнуваат нивните барања. Првпат минатата недела почнаа вечерни протести и на градскиот плоштад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.