Во земјавата нема мајмунски сипаници. Сомнежите беа расчистени откако синоќа, по четиридневна неизвесност, се доби негативен резултатот од тестот на кичевецот кој беше сомнителен дека е заразен со мајмунски сипаници.
Пациентот е негативен, нема потреба за понатамошна изолација, останува единствено да се третира за основната болест, но како ќе се третира и кога ќе биде укината изолацијата ќе одлучи Центарот за јавно здравке од Битола кој што го води здравствениот надзор – потврди за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
И Министерството за здравство, синоќа, исто така соопшти дека од Институтот за јавно здравје се информирани дека резултатот од испитувањето на брисот земен од пациентот од Кичево суспектен на мајмунски сипаници е негативен.
Потсетуваме дека Институтот располага со доволно количество тестови за детекција на мајмунски сипаници, а тестирањето се врши по индикација утврдена од специјалист инфектолог. Во соработка со Комисијата за заразни болести и Светската здравствена организација внимателно се следи состојбата со мајмунски сипаници во светски рамки – наведоа од Министерството.
Досега во земјава беа пријавени два сомнителни случаи, кичевецот кој неколку дена одбиваше да биде тестиран, како и мигрант хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, кој беше негативен на тестот.
Поради тоа што немаше законска можност пациентот од Кичево да биде „присилен“ на тестирање, Комисијата за заразни болести достави предлог до министерот за здравство да се предложи здравствен надзор на ова лице. Тоа овозможи со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и Министерството за внатрешни работи да биде лоцираат лицето со цел да се тестира.
Претходно, Комисијата препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден. Оваа одлука е доставена до Министерството за здравство, со цел да се преземат сите неопходни превентивни мерки.
Според податоците на Светската здравствена организација, во моментов Европа е најпогодена од мајмунските сипаници. На европскиот регион на СЗО отпаѓаат околу 55 проценти од потврдените случаи на мајмунски сипаници во светот само од изминатиот месец, а четири земји во Европа (Шпанија, Обединето Кралство, Германија и Франција), пријавиле 76 отсто од случаите.
Специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа во Македонија, д-р Ане Јохансен во изјава за МИА препорача дека е потребно дури и во земјите кои сè уште немаат пријавено случаи на мајмунски сипаници, органите задолжени за јавното здравје брзо и значително да ги зајакнат националните капацитети за надзор, испитување, дијагностика и пронаоѓање на контактите, сè со цел да се идентификува и следи секој евентуален случај.
Хигиената на рацете и респираторната хигиена, заедно со личната заштитна опрема и соодветната изолација на суспектни и потврдени случаи, се исто така од суштинска важност за намалување на пренесувањето на болеста во самите здравствени установи. Овде станува збор за истите мерки што беа препорачани и се применуваат за Ковид-19.
Соочени со неизвесност околу тоа што носи иднината, државите мора да соработуваат и споделуваат информации, искористувајќи ја до максимум секоја можност за предвидување, контрола и запирање на ширењето на овој вирус за кој допрва имаме уште многу да учиме – порача Јохансен во изјава за МИА.
Согласно податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во светот до 9 август се пријавени вкупно 31800 случаи со мајмунски сипаници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.