Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори. Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.

-Ние немаме несогласување, ова ни беше програмска определба уште кога беше кампањата пред претседателскит и парламентарните избори. Идеите, кои се однесуваат на уметноста и науката мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение, кое би било прифатливо за сите кои што живееме во Република Македонија, рече Таравари.

Во врска со реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не смее да се етницира, Тарвари вели дека се согласува и дека тие не ја етницираат науката.

-Науката никогаш не се етницира, таман работа, имаме повеќе универзитети, не ја етницираме и ќе имаме повеќе институции кои се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиваме овие институции и што повеќе да ги поддржуваме, бидејќи секоја година кога се објавуваат резултатите на рангирањето на универзитетите, нашите за жал се за никаде. Сите да дадеме максимум од себе науката и уметноста на сите етнички заедници, кои живеат во Македонија, се повеќе и подобро да се развиваат, рече Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.