Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, денеска од Тетово порача дека изборната програма „План 2030“ на Коалицијата „Вреди“, вреди за луѓето, и дека единствената албанска опција за изборите на 8 мај е Коалицијата „Вреди“.
На презентацијата на програмата во Тетово, Таравари истакна дека сегашниот Устав има недостатоци и не ја претставува реалноста во државата.
– Убедени сме дека сегашниот Устав има недостатоци, ограничен е и во многу делови не ја претставува денешната политичка, социјална и етничка реалност во државата, рече Таравари.
Таравари потенцира дека промената е неопходна, додека, заедно со промената мора да се смени и Уставот за да почнат преговорите со ЕУ.
– Ќе започнеме голема дебата и ќе изградиме консензус за нов, подемократски и модерен Устав, кој ќе ја редефинира државата како рамноправна држава на две мнозински заедници, рече Таравари.
Помеѓу десетте точки од програмата на „Вреди“ која беше презентирана денеска се нов Устав со Албанците како второ мнозинство во државата, прекугранична економска зона со Албанија и Косово, инвестиции од 500 милиони евра за инфраструктура во албанските општини и 800 евра минимална плата.
Со неа се предвидува и забрана за коцкање и брзи заеми, ослободување на затвореници од монтирани случаи и нивно обесштетување, слободни економски зони за печалбари и за млади, зголемување на пензии, социјална помош и субвенции, како и капитални инвестиции да достигнат до 150 евра по глава на жител
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.