Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во изјава за медиуми ја потврди утрешната средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција и истакна дека тие веќе имаат подготвено програма од пет точки во кои што ќе бидат нивните барања до мнозинството. Тој вели дека ако се прифатливи програмските, тогаш ќе преговараат и за кадровски решенија. Таравари не сакаше да открие повеќе детали околу тоа кои се нивните пет точки, пред да се сретне со премиерот Ковачевски.
– Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција. Ќе се делуваме како што сме делувале овие последни седум-осум години, рече тој на јавната дебата на тема „За вистинска реформа на фискалната децентрализација“ во организација на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.
На новинарско прашање дали меѓу тие барања е и она за гаранции за уставни измени, Таравари изјави дека пакетот на мерки што го презентираа пред јавноста, меѓународниот фактор и другите политички партии, ќе бидат нивното главно барање.
Тој рече дека прво ќе видат дали можат да бидат усогласени нивните програмски барања, а ако не ќе продолжуваат да дејствуваат како опозиција. Без разлика дали ќе бидат дел од владината коалиција, Таравари смета дека оваа година не треба да биде изборна, бидејќи, како што рече, такви се препораките од „сите пријатели“.
– Такви се препораките од сите наши пријатели, дека треба да се даде шанса. Ние можеме да дадеме шанса на оваа Влада да направи евентуално уставни промени и ако останеме во опозиција. Тоа не ни пречи повторно да ги изгласаме уставните промени. Нормално, ние повторно ќе инсистираме, без разлика дали сме опозиција или власт, на одредени барања кои што се во нашата агенда како приоритети, рече тој.
Околу последните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон Алијансата за Албанците, Таравари истакна дека со вакви настапи, кај обичниот граѓанин се создава страшна поларизација меѓу различните народи кои што живеат во земјава.
– Мене ми е жал што го гледам ВМРО-ДПМНЕ во вакво светло. Ме потсетува на 2014-2015 година, за жал. Во 2020 година, Конрад Аденауер не седна заедно. Јас се уште сакам да го памтам тоа ВМРО-ДПМНЕ што викаше дека не им пречи 20 отсто, дека изразуваат жалење за 27 април. Со ваква поларизација и со вакви настапи, кај обичниот граѓанин создаваат страшна поларизација меѓу различните народи кои што живеат во Македонија и навистина не би сакал ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со вакво појавување, оти знам дека се натпреварува со Левица за тоа кој ќе има повеќе од тоа гласачко тело која што многу националистичко македонско, меѓутоа од друга страна имиџот на партијата веќе се враќа ретроградно. Не би сакал да го видам ВМРО-ДПМНЕ вака како што ги гледам последните две-три недели, рече Таравари, додавајќи дека треба да се работи континуирано со граѓаните за да се уверат дека сме на прав пат, натаму каде што сакаат повеќето од нив.
И премиерот Димитар Ковачевски, кој истовремено е и лидер на владејачката СДСМ, во изјава за медиумите потврди дека утре ќе има средба со претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.
– Утре ќе имаме состанок со Таравари. Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ, истакна Ковачевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.