Новиот министер за здравство. Арбен Таравари, во изјава за медиумите, рече дека е свесен за недостигот на кадар во јавните здравствени установи. Таравари се надева дека до крајот на годината ќе има огромен број на вработувања, особено во здравството.

Министерот беше во посета на Здравствен дом – Скопје, каде што разговарал за состојбата со апаратура, со автомобили и амбулантски возила, како и за подобрување на условите за медицинскиот персонал.

На новинарско прашање дали има дефицит на кадар во здравството, министерот одговори потврдно наведувајќи дека за тоа мора да се најде решение.

Јас мислам дека предлогот на бившиот министер Меџити, беше добар, за 1.200 договорци коишто работат низ здравствените установи, а немаат решенија, да им се даде пред сѐ и веднаш да се планира и во буџетот за идната година и нови вработувања, нормално тие би започнале со договор на дело оваа година. Овие 1.200 би добиле решенија. Така што, ова ќе го разгледаме, ќе разговараме и со министерот за финансии дали може тоа веднаш да се спроведе, рече Таравари.

Тој кажа и дека се бара решение да се задржат и да се мотивираат специјализантите со нивно вработување.

Исто така, идејата за специјализантите кои се со приватни специјализации, евентуално сите тие да се вратат со цел да се задржат во државата, да се мотивираат со тоа. Да се изнајде решение како – ако ги вработиме и да ги задржиме и да останат, а не само да се вработат и после година – две, да си побегнат. Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме огромен број на вработувања, посебно во секторот здравство, посочи Таравари.

Тој рече и дека знае и оти скопската Брза помош се соочува со дефицит на кадар, па се надева, ќе се излезе многу бргу со конкретни мерки.

Таравари информираше и дека во блиска иднина ќе предложи нов закон за здравствена заштита. Како што појасни, со законот нема да има економски директори во установите каде има, туку да има само „професионален директор“.

Се надевам што побргу да ги синхронизираме систематизациите и да донесеме нова одлука за спојување на цел Клинички центар во иста установа. Истото важи и за здравствените домови и за болниците, зборувам за периферија, за помалите градови каде има општа болница и здравствен дом, ќе бидат споени во едно и ќе се вика општа болница. Нема да има двајца, тројца, четворица директори, туку само еден како што беше порано, истакна Таравари.

Министерот вчера имал средба со повеќето директори на хируршки клиники и изјави оти смета дека таму треба да се инсталира комплетно нов систем.

Веќе очекувам извештај, нели има експертиза од повеќе институции коишто направиле експертиза за тоа зошто мириса таму кислородот и другите гасови коишто ги користат во операционите сали. Јас мислам дека ќе треба на првата седница на Влада да разговараме за ова, евентуално да се инсталира комплетно нов систем, да не ризикуваме со животот на пациентите, одговори тој на новинарско прашање.

Таравари се осврна и на болницата во Штип.

Болницата во Штип е почната некаде 2014 или 2015 година не сум сигурен, требаше да заврши во 2018 година, сега сме 2024 година. Договорот е раскинат 2023 години, значи пет години откога требало да завршат тие, не е завршена, така што арбитражата нека си тече. Ние сме сигурни дека министерот постапил правилно, а тоа ќе покажат истанците кои се компетентни за тоа, одговори Таравари на новинарско прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.