Лидерот на политичката партија Алијанса за Aлбанците, Арбен Таравари смета дека измените во Уставот се клучни за отпочнување на преговорите. На новинарско прашање од МИА за актуелните случувања околу уставните измени, тој нагласи дека доколку нема уставни измени како предуслов за отпочнување преговори, ни се заканува вето од Бугарија и, како што потенцира, ќе имаме децениски застој, налик на букурешкото вето од 2006 година.
Таравари нагласи дека како Алијанса за Албанците ќе продолжат да делуваат за да се спроведат уставните измени оваа година.
Тоа не е само наше инсистирање, туку на поголемиот дел од надворешниот политички фактор кои изминативе 30 месеци ја поддржуваат Македонија во евроинтеграции. Тоа се гледа и во изјавите на амбасадорите и министрите за надворешни работи кои сметаа дека Македонија и Албанија треба заедно да ги отпочнат преговорите, изјави Таравари.
За противењето на опозициската ВМРО – ДПМНЕ да се спроведат уставни измени и реакциите на политички фактори во земјава околу отстранување на процентот на Албанци од Уставот, Таравари смета дека споредбите со Хрватска не се соодветни и го повтори партискиот став дека Македонија и Хрватска не може да се споредуваат, со оглед на податоците од последниот попис во кој Македонци се 54, а Албанци 30 проценти.
Ако веќе сакаме да се споредуваме, тогаш да ги погледнеме примерите на Швајцарија на Белгија и земји кои имаат слична демографска слика. Сметам дека ВМРО – ДПМНЕ тоа го прават за да добијат поени кај луѓе кои се ултранационалисти. Не верувам дека така мислат, како што зборуваат на прес конференции, изјави Таравари.
За одржување на предвремени парламентарни избори оваа година, Таравари смета дека тие нема да се случат и се повика на партиските анализи.
Сметам дека прво ќе има претседателски, па потоа парламентарни. Ќе седнеме ние, четири-пет поголеми партии и ќе одлучиме дали ќе има избори, како што било и досега, подвлече Таравари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.