Патеката на злосторот врз Вања од моментот кога во 5 часот утрината осомничените полнат бензин во канта во близина на партиското седиште на Десна, сè до местото каде решиле да се ослободат од телото на 14-годишното девојче, детално е прикажана во новата истражувачка сторија на „КОД“.

На прсти го знае Палевски пределот. Познат му е прилично теренот, а неговото семејство поседувало и земјиште таму, беа коментарите на мештаните на Бразда кои не сакаат да застанат пред камера.

Палевски потекнува од тој крај, но од селото Глуво. Го знаат и во Бразда и ќе речат „знаевме дека е преварант, но зошто ни направи вакво нешто?“ Исплашени се и воопшто не им е пријатно да поминуваат сега оттаму. Но, друг пат до нивните нема. Не сакаат ни да замислат што ќе се случело да ги затекнале осомничените тоа утро.

А тоа утро часови поминувале. Цитроенот горел. Не го пронашле мештаните, туку полицајци од полициското одделение Мирковци при патрола во 15:40 минути. Тоа нема да биде единствената пријава. И комунална инспекторка при работна обиколка ќе го забележи возилото. Кога го виделе мештаните возилото како полицијата го пренесува низ селото не помислиле на најлошото.

Возилото е клучно за МВР да дојде до сознанието дека исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски на Вања се поврзани. По неговото опожарување, осомничените, според нашите сознанија, повторно се вратиле по истиот пат преку Бразда накај Горно Оризари. Но, не влегле во селото, туку продолжиле по импровизиран пат. Таму се упатиле со една цел, да го закопаат телото на Вања.

Телото е закопано на ридот кој е на иста воздушна линија со местото во атарот на селото Бразда каде е запален Цитроенот. Не се гледа нивата оттаму, но чадот тогаш бил видлив.

Видливо е и неодамнешното присуство на луѓе тука. Има свежи отпушоци од цигари, отпечатоци од кондури, а и отпадоци со рок на траење до 15 декември кои докажуваат дека група на луѓе била присутна на местото.

Целата сторија тука



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.