Судскиот совет констатираше престанок на мандатот на членовите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски по нивното барање да си дадат оставка.
На денешната, 444-та итна седница на Судскиот совет, врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова изјави дека од кога е член на советот имала определени моменти на разидување во однос на заземените ставови на оваа институција.
Како пример ги издвои одбивањето на Судскиот Совет да ги достави списите до Врховниот суд како и првите постапки кои што беа водени од страна на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд.
Потоа следуваше седницата во април кога дојде до разрешување на претседателот кое според мене е незаконито. Мене ми пречеше што таа одлука е дадена без образложение, затоа што сметам дека Судскиот совет сите свои одлуки треба да ги образложи, рече таа.
За крај, ги издвои состојбите со меѓучовечките односи, кои, според неа, се нарушени и тоа претставува пречка за нормално функционирање.
Апелацискиот судија Зоран Герасимовски истакна дека во Советот дошол со определена идеологија, но, како што рече, наишол на идеолошки несогласувања со дел од Советот.
– Имајќи ги предвид последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелацискиот суд во време кога сите судови се пренатрупани со предмети, отколку како член на Судскиот совет, дополни тој.
Герасимовски посочи дека и покрај тоа што дава оставка, како што рече, „сметам дека овој состав на Судскиот совет има капацитет да се справи со сите предизвици кои што стојат пред него и да го доведат Советот онаму каде што му е местото“.
По констатирањето на оставките, Советот формираше комисија за избор на нови членови на која за претседател го избра членот Ханиф Зендели.
На дневен ред на денешната седница се и избор на заменик претседател на Судскиот совет на Република Македонија и како точка разно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.