Судскиот совет на Република Македонија на денешната итна седница одлучи да изврши работна посета во Апелациониот суд со цел да се констатира состојбата со предметите „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“ во смисла на почитување на законските рокови, преземените дејствија од страна на судијата и законитоста во одлучувањето во смисла на тоа дали учествувал судија кој што исполнил услови за старосна пензија.
Судскиот совет нема да навлегува во носењето на одлуката, меѓутоа, може да испитува дали учествувал судија кој што не смеел да учествува во одлучувањето и дали има сторено процесни повреди во текот на постапката, во смисла на одолговлекување на истата – рече претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
На денешната седница претседателката ги задолжи координаторот на Апелациониот суд Скопје со работна група составена од членови на Советот, во најкраток можен рок да извршат работна посета во Апелациониот суд.
Оваа одлука следува по реакциите во јавноста во врска со одлуката на Апелациониот суд Скопје да ја укине пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“ откако ги уважи жалбите на обвинетите и го врати на повторно постапување пред Основниот кривичен суд Скопје случајот со масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, во кој на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков му беше изречена казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.