Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ одложено за 30 јануари идната година. Дотогаш, како што информираат од Основниот кривичен суд Скопје, се очекува Врховниот суд да донесе мислење во однос на иницијативата на одбраната да донесе начелно правно мислење за автентично толкување на Законот за амнестија поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
На денешното рочиште првостепениот Суд, повторно требаше да се произнесе по барањето за амнестија, кое еднаш веќе беше го имаше одбиено, меѓутоа Скопската апелација го укина.
До судот, како што информираат од Кривичен, е пристигнато известување дека одбраната на обвинетите во предметот Организатори на 27 април бара од Врховниот суд да донесе начелно правно мислење за автентично толкување на Законот за амнестија поврзан со настаните од 27 април.
– Со оглед да Кривичниот суд досега донесе две одлуки поврзани со барањето за амнестија кои беа укинати од Апелациониот суд, кој пак, и покрај законските можности не донесе мериторна одлука, судот смета дека вакво начелно правно мислење на највисокиот суд треба да ги разреши дилемите околу правата на странките поврзани со Законот за амнестија, се вели во соопштението од Кривичен.
Од Кривичен, исто така, посочуваат дека овој суд мора да води сметка за долготрајноста на постапката и начелото за судење во разумен рок, па заради тоа расправата се одлага за 30 јануари, а до тогаш се очекува Врховниот суд да донесе мислење во однос на иницијативата на одбраната.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.