Младинската организација „Студентски отпор“ повикува на масовен студентски марш во четврток со почеток во 17 часот. Тие не се задоволни од крајниот исход и одлуките донесени на тричасовната средба во Собранието помеѓу премиерот, министерот за образование и претставниците на студентските собранија.

Велат дека како студенти остануваат на нивните барања за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно; издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите; средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови; издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и ве повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот. Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија, се вели во повикот.

Од „Студентски отпор“ ги повикуваат сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во борбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.