Студентски отпор најавува масовна мобилизација на студентите, а не исклучуваат ни протети, како што велат во нивната објава на Фејсбук.

Тие велат дека како и секоја академска година, така и оваа 2023/24 студентите повторно се соочуваат со истите проблеми од претходните години.

Имено, годинава, месечната кирија во студентските домови се зголеми на 3945 денари, трошоците за амортизација на 700 денари, за испринтани 4 листови А4 формат при вселување студентите плаќаат 500 денари, а 300 денари за фиктивната картичка за јадење која не се користи воопшто, велат студентите.

Еден од најголемите скандали пред почетокот на академската година е тоа што на студентите во студентските домови им е укинат и појадокот. Наместо да добијат зголемување на сумата на ССО, МОН им скратува појадок и им ја зголемува киријата за 30%, реагираат тие.

Исто така, во однос на Субвенционираниот Студентски Оброк на само две недели пред почетокот на новата академска година се уште немаме информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства за ССО.

Студентски отпор будно ги следи проблемите и најавува масовна мобилизација на сите студенти и жестока реакција за студентските проблеми кои секоја година се полоши и полоши. Протести и демонстрации се една од опциите!, велат од Студентски отпор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.