Приоритетите на Македонија во рамки на Претседателството со ОБСЕ, што значи за земјата активната дипломатска агенда оваа 2023 година, но и што е во фокусот на младите кога станува збор за иднината, беа темите на разговор на денешната средба на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи со студенти, соопшти Министерството за надворешни работи.

 –Дипломатијата не е само работа, тоа е начин на живот кој бара емпатија, креативност и храброст. Како идни лидери, вие имате клучна улога во обликувањето подобра иднина за сите и верувам дека ова искуство ќе ви помогне да станете посвесни, информирани и поодговорни глобални граѓани, рече Османи пред студентите.

Шефот на дипломатијата, како што информира МНР, истакна дека ставот на студентите за актуелните меѓународни прашања, како и за позицијата на Македонија во геополитичките случувања се важни за обликувањето на насоката во која ќе се движи земјата.

-Со активно вклучување на младите луѓе во процесите на донесување одлуки, можеме да ја искористиме нивната енергија, креативност и страст за да се справиме со сложените предизвици со кои се соочуваме денес, додаде Османи.

Покрај деталите за работата на МНР што ги слушнаа од министерот Османи, за време на посетата на МНР студентите имаа можност и да погледнат каде се носат одлуките за важните теми од областа на меѓународната политика.

-Исто така, студентите изразија интерес за тоа како Македонија ја спроведува програмата поврзана со Претседателството со  ОБСЕ и клучните активности во периодот што следува, наведува МНР во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.