По официјалниот пречек пред Владата, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, треба да има тет-а-тет средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.

Во составот на македонската делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески.

Предвиденое е Ковачевски и Столтенберг по средбите да одржат заедничка прес-конференција.

Столтенберг е во дводневна посета на Скопје во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.

Генералниот секретар на НАТО попладнево ќе има билатерална средба со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом, во рамки на 132. седница. Столтенберг ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски во неговиот кабинет.

Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.

Турнејата низ регионот Столтенберг ја започне од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово. Од вчера Столтенберг престојува во Србија, од каде денеска попалдне ќе допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.