Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција порача дека владата на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по формирањето ќе преземе чекори и мерки за економска трансформација на Македонија.

Како идна влада се обврзуваме да ги тргнеме бирократските бариери. Даночната администрација и државните службеници ќе бидат служба на граѓаните и бизнисот. Ќе се спроведе дигитализација и поедностави постапки.

 

Недозволиво е граѓани да чекаат за услуга од УЈП и по неколку дена или да треба да вртат телефони да им се заврши работа.

 

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи користење на ПејПал сервисот во Македонија, негова интеграција, како и овозможување на работа на слични сервиси и институции за електронско плаќање, а се со цел да им се поедностави функционирањето на младите фриленсери и програмери кои работат за странство и остваруваат значаен девизен обрт. Со интеграција на тие системи во нашиот систем, тие ќе може легално да ги добиваат своите пари во Македонија и за нив да платат данок, изјави Стојаноски.

Пратеникот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има сериозен пристап со мерки кои ќе ја запрат инфлацијата и ќе ги забрзаат растот и развојот.

Еден од клучните постулати на идната влада е данок на добивка од 5% за фирмите со добивка од над 50 милиони. Со оваа мерка ќе мотивираме голем број на мултинационални компании да ги префрлат своите профитни центри во Македонија и тука да го платат својот данок. Бенефит од оваа мерка ќе имаат и Македонските компании кои ќе инвестираат во себе и ќе постигнат добивки над 50 милиони евра. Фирмите со добивка од 20 до 30 милиони данокот ќе биде 8%, а за фирмите со добивка од 30 до 50 милиони истиот ќе биде 6%.

 

Вредно е да се напомене дека во целиот период од 4 години, мандат на владата, ќе бидат алоцирани 1 милијарда евра кон општините за инфраструктурни проекти, со цел рамномерен економски развој. Сите мерки ќе бидат насочени кон општ развој, а не како сега, кога економијата тоне.

 

Македонија мора да фати чекор со развиените држави, Македонија може многу подобро од тоа што е сега, изјави Стојаноски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.