Уште на четвртата страница од Договорот сокриен од владата, а до нас доставен од укажувачи, стои дека Владата при меѓународна арбитража прифатила да се пресудува според законите на Англија и Велс. Власта го суспендирала македонското право, посочува Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму, во делот посветен на арбитража, “Побарувања, спорови и арбитражна” точка 20.7, страница 122 од Договорот што владата го крие, јасно е наведено дека во случај на арбитража за надминување на спор при реализација на Договорот, цитирам “конечна ќе биде одлуката на меѓународна арбитража во согласност со Правилата за арбитража на Меѓународната стопанска комора” , а подолу се прецизира дека Седиштето на арбитражата ќе биде во Париз,Франција, пред Меѓународниот арбитражен суд на Меѓународната Стопанска комора, а ќе биде пременето Материјалното право на Англија и Велс. Јазикот на кој ќе се користи арбитражната постапка ќе биде на англиски јазик. Наведено е и дека ќе има тројца арбитри, по еден од двете страни и еден избран заеднички.
Почитувани, огромна е разликата во двете права. Напросто кажано Македонското право е континентално, како и првата во европските држави, и се базира врз донесени закони. Правата на Англија и Велс не се базираат врз закони, туку се водат од веќе донесени пресуди и судски одлуки, врз судски преседани!
Вториот аспект е што канцеларијата на компанијата е со адреса во Лондон, што значи има огромна предност во познавањето и практицирањето на вакви закони при спорови.
И трет аспект е тоа што владата при склучување на најголемиот договор со најголем финансиски товар врз буџетот, во услови на криза и инфлација, во услови на економски колапс, потпишува договор со којшто го суспендира македонското право!
Македонија и до сега имала договори, и до сега имала случаи на меѓународни арбитражи, но секогаш се воделе по континентално право, на коешто и припаѓа и македонското право.
И најважниот аспект и воедно прашање е како владата се одлучила да го суспендира македонското право, кога проектот се изведува тука во Македонија, а би требало да важат правото на Англија и Велс?
Трошоците во случај на спор би биле неколкукратно поголеми, а предноста на компанијата очигледна.
Почитувани, да потсетам се работи за договор сокриен од очи на јавноста, базиран врз клаузули на непостоечки закони во Македонија, како на пример 60 часа работна недела, кршење на законите за урбанизам, градење без дозвола, градење врз археолошки локалитети и многу други ставки
Власта е должна да го објави договорот! Тоа е од јавен интерес!
Некој за ова мора да одговара!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.