Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција направи неколку споредби со цени за градежни зафати при изградба на автопати во Македонија. Заедничко, како што рече, е тоа што зад двата договори како инвеститор на градбата секако стои државата Македонија.

„На страница 130 од Договорите за коридорот 8 и 10Д добиен од укажувачи, во ценовникот за ископ на првиот слој, прифатена е цена од 5,36 евра за кубен метар, односно 330 денари. Ова е цена за ископ на горниот слој земја со вклучен транспорт до 3 километар. Над овие 3 километар за транспорт се наплаќа 0.17 евра за тон по километар, па така, еден камион со носивост од 25 тона ќе чини 4.25 евра по километар!

За споредба, договор склучен на 24 февруари 2023 помеѓу Гранит и ЈПДП за автопатот од ГП Блаце до с. Блаце за истава работа Гранит наплаќа 2.33 евра по метар кубен со вклучен транспорт до 15 километри. Значи, наместо 2,33 евра од еден кубен, државата сега, со 15 километари транспорт ќе плаќа 7,4 евра или 5 евра повеќе по кубен метар. Треба да се знае дека се работи за многу милиони кубни метри земја за ископ.

Потоа, ископ на подолни слоеви земја, под првиот слој. 8,95 евра за кубен метар, или 552 денари со транспорт до 3 километри. Над тоа повторно се плаќа 4,25 евра по километар за камион. Споредено со договорот за рехабилитација на државниот пат Тетово- Џепчиште од 2021 година, цената таму е 240 денари за македонската фирма Гранит, значи цената за коридорите е многу повеќе од дупло поголема. 552 денари, со 240 денари, до три километри, а потоа се додаваат и оние 4,25 евра километар за камион“ објасни Стоилковски.

Праша каде ќе заврши разликата во пари. Се работи за многу пари, за многу земја, многу површински и под површински ископ, многу минати километри, рече Стоилковски.

„До сега нема одговор, се уште го кријат договорот, го кријат и од институциите, има само молк на прашањата околу финансиските импликации врз буџетот.
Кријат и бегаат од одговор зошто е толкава разликата и зошто е прифатена толкава разлика во цени?

Партиите од власта, потписници на договорот, треба да одговорат: Дали ДУИ и СДС веќе ги поделиле автопатите по делници, или ќе ја пресметуваат и делат разликата по ископан кубик земја? Македонија е во период кога наближуваат избори, па мора да се знае, дали ДУИ и СДС подготвуваат црни фондови за изборен поткуп?“ праша Стоилковски.

Ниедна клаузула или договор, според него, не може да бидат посилна од институциите ако треба да се спречи тежок криминал со наштетување на државниот буџет во партиски цели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.