Во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците незаконски се снимале вработените, објави Канал 5. Новиот министер Иван Стоиљковиќ за телевизијата потврди дека биле направени проверки и биле утврдени „некакви неправилности“. Тој посочи дека е ангажирана фирма која се грижи за системот која забележала неправилности кои веќе се предадени на истражните органи.

Телевизијата пренесува дека до неа но и на социјалните мрежи се појавуваат анонимни писма со обвинувања дека поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби наводно незаконски ги снимал и следел своите вработени преку надзорни камери и дека тоа го правел и преку далечинско управување. Дополнително пишува и дека снимките од хард-дисковите се избришани пред Груби да ја напушти позицијата, воедно и дека за видео надзорот била задолжена надворешна компанија, која сега е фантомска.

Новиот министер Иван Стоиљковиќ потврди дека по направените проверки биле утврдени „некакви неправилности“ и посочи дека ангажирана фирма која се грижи за системот забележала неправилности кои веќе се предадени на истражните органи.

„Па надворешен упад во системот на камери во министерството за односи помеѓу заедниците, така што некој констатно од различните ип-адреси во системот и набљудувал што се случува внатре во министерството, ги набљудувал вработените и така натаму, тоа фирмата која е задолжена за таа работа, која го опслужува системот го установила и го дала во својот извештај, со докази нормално и ние тие докази сме ги проследиле до управата“, изјави Стоиљковиќ.

Тој не ја исклучува можноста и самиот Груби како министер да го правел тоа.

„Со оглед на тоа каква состојба начекавме во министерството, сѐ е можно“, вели Стоиљковиќ

Телевизијата стапила во писмен контакт и со поранешниот министер Артан Груби, кој обвинувањата ги нарекол апсолутна невистина и додал дека институцијата си имала видео-надзор како што било монтирано при изградбата на објектот, од компанијата уште пред да стапи тој на функција, а камери имало само во ходниците, влезовите и на законски дозволени места, што биле инсталирани уште во времето на претходната владата на ВМРО-ДПМНЕ, а камерите биле под надлежност на обезбедувањето определено од МВР во нивна канцеларија без тој да има било каков пристап во било кое време и под било какви околности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.