Пневмонија по прележан ковид-19 предизвикала воспаление на срцевиот мускул од што потоа настанал инфаркт кај 5-годишната Јана Христовска од битолското село Кравари, стои во извештајот на Судска медицина доставен до Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола како причина за смртта на девојчето. Не е пронајден пропуст на лекарите ниту причинско-последична врска меѓу примената инфузија во Битолската болница и смртта на девојчето.
Јана почина на 22 март во Битолската болница откако претходно ѝ беше ставена инфузија, па родителите обвинија дека по ваквиот лекарски третман ѝ се покачил шеќерот од 9 на 19 единици.
Ние остануваме на ставот дека се работи за лекарска грешка. Го добивме наодот од судска медицина. Чекаме да се изјасни обвинителството, потоа ќе видиме што ќе преземеме понатаму, дали ќе бараме странска експертиза, ќе одиме до крај колку што ни се можностите. Девојчето немаше симптоми на бронхопневмонија, доколку беше така ќе имаше константна температура, кашлица, тешко дишење, а ние го однесовме на нозе на болница. Откако ја прими инфузијата крвта се направи партал – вели мајката Кристина Христовска.
Адвокатот на семејството Христовски, Јанаки Митровски, вели дека не се совпаѓаат податоците за прележан ковид и за времето кога настанала смртта кај девојчето. Па, денес побара од Основното јавно обвинителство во Битола да се заплени и вештачи компјутерот во Детското одделение во болницата каде биле внесени податоци при лекувањето на Јана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.