Во рамки на денешната официјална посета на земјава делегацијата предводена од премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ, а во присуство на заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, оствари средба со дијаспората во Амбасадата на Република Србија во Р. Македонија.
На средбата уште еднаш беа испратени пораки за продлабочување на соработката меѓу двете земји и положбата на српскиот народ во земјава, како и на македонскиот народ во Република Србија.
Чест ми е што можам да ве поздравам, инсистирав на оваа средба затоа што ова, но и фактот дека имаме Србин во Владата на Македонија за нас не е само прашање на симболика, туку суштинско. Добивме уверување дека Коридор 10 е определба на оваа Влада, а зборувавме и за максимално поедноставување на процедурите на границите. Што се однесува до нас, ние сме максимално подготвени да го направиме ова. Многу е важно и Македонија да биде дел од Експо и мило ми е што токму заменик-претседателот и министер Стоилковиќ ќе го води тој проект – истакна на средбата премиерот Вучевиќ и упати апел до српската заедница во земјава во сите различности кои, како што рече, ги имаaт двата народа, да го зачуваат националниот идентитет.
Истото сакам да им го порачам и на Македонците кои живеат во Србија, рече премиерот Вучевиќ.
Денешната посета на премиерот Вучевиќ е круна на неодамнешната подготовителна посета на Белград и сето она што го сработевме во претходниот период – порача заменик-претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Претходно во текот на денот потпретседателот и министер Стоилковиќ го пречека премиерот Вучевиќ на Меѓународниот аеродром Скопје, по што двајцата поминаа низ шпалир од 18 гардисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.