Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска остварил средба со претседателот на Меѓународниот одбор на ревизори за НАТО (ИБАН), Радек Висингер, кој е во посета на Скопје.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, биле разменети мислења околу позиционираноста и придонесот на Република Македонија во рамки на НАТО, како релативно нова членка.

Притоа, претседателот Гаши изразил задоволство од можноста да се дискутира за опциите за унапредување на соработката и на процесите во земјава, во областа што ја покрива на ИБАН.

Висингер информирал за структурата и надлежностите на ИБАН, како независно тело за ревизија на НАТО, со мандат да обезбеди поголема сигурност за Алијансата и за владите на земјите-членки, за правилна искористеност на заедничките средства.

– Цел на ревизијата се перформансите на НАТО, за да се оцени економичноста, ефикасноста и ефективноста на активностите, операциите и програмите. За таа цел, како што рече Висингер, ИБАН остварува соработка со врховните ревизорски институции на сите земји членки, стои во соопштението.

На средбата присуствувал и главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој информирал за досегашната добра соработка меѓу Државниот завод за ревизија и ИБАН, како и за можностите за понатамошна размена на искуства меѓу двете институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.