Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Марко Маковец, заменик директорот во Европската служба за надворешни работи, во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

На средбата беа разменети мислења за напредокот на македонските евроинтеграции, перспективите и натамошните чекори во однос на пристапниот процес кон Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна потребата од забрзување и напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како наша стратешка определба, што истовремено е од клучна важност за севкупната стабилност и просперит на поширокиот регион.

Таа порача дека за одржување на кредибилноста на проширувањето на ЕУ, неопходно е да се почитува мериторниот процес на интеграција и вреднувањето на исполнувањето на копенхагенските критериуми не смее да трпи поради билатерални прашања и политички потези на одредени земји членки на ЕУ.

 

Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека македонските државни институции во иднина ќе вложуваат максимални напори со цел доследна имплементација на реформите и дека ќе настојува на политички и општествен консензус во однос на реформската агенда и усвојувањето закони за кои е предвидено европско знаменце.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.