Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Вероника Хулман Марти, амбасадорка на Швајцарија во нашата држава.

На состанокот се изразени честитки за мандатот на премиерот Ковачевски и е истакната поддршката од Швајцарија за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите и на домашен реформски план.

Оценето е дека интеграцијата на државава во Европската унија ќе биде придонес во стабилноста на регионот и на ЕУ.

Исто така, пренесено е дека Швајцарија ќе продолжи да ги поддржува реформите во државава, од значење за граѓаните.

Премиерот Ковачевски ја потврди важноста на придонесот на Швајцарија, како еден од најголемите донатори во земјава, во реализацијата на проекти што го подобруваат квалитетот на живот. Притоа, истакната е значајната поддршка од Швајцарија во демократските процеси на државава.

На средбата е заеднички констатирана потребата за отвореност за дијалог од страна на сите политички субјекти во земјава, кога станува збор за развојот на Република Македонија и за потребите на граѓаните. Во таа насока, нагласено е значењето на функционален Парламент и на одржливи политики на локално ниво, при спроведувањето европски проекти и други проекти од полза на граѓаните.

Премиерот Ковачевски информираше за посветеноста на Владата за решавање на енергетската ситуација, како и кон унапредувањето на животниот стандард на граѓаните, при што веќе е зголемена минималната плата, а се работи на решенија за зголемување и на пензиите.

Во однос на ситуацијата со Украина, премиерот Ковачевски соопшти дека Република Македонија најостро ја осудува руската инвазија на Украина и дека позицијата на нашата држава е на линија на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ.

На состанокот е заеднички потврдено големото пријателство помеѓу Република Македонија и Швајцарија, со определба за унапредување на соработката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.