Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги примил раководствата на Специјална Олимпијада за Европа и Евроазија и на Специјална Олимпијада на Македонија.
На средбата било разговарано за тековните активности на Специјална Олимпијада којашто поддржува повеќе од пет милиони спортисти, еден милион тренери и волонтери, повеќе од 100.000 натпревари годишно и 32 спортови од олимписки тип преку програми во над 190 земји.
Како што соопштија од Кабинетот на Претседателот на државата, соговорниците го запознале Пендаровски и со динамиката на реализирањето на проектот „Социјална инклузија и зајакнување на младите преку спорт“, што треба да даде позитивен импулс кон засилена вклученост на лицата со попреченост, како и промовирање на инклузивното образование.
Шефот на државата Пендаровски ја изразил безрезервната поддршка на ваквата долгогодишна благородна заложба на Специјална Олимпијада, која придонесува преку спортот да се поттикне нивната сеопфатна инклузија во општествените текови, овозможувајќи им да ги изразат своите афинитети и индивидуални квалитети.
На средбата присуствувале Дејвид С. Евангелиста и Марта Јо Брајчич од Специјална Олимпијада за Европа и Евроазија, како и Моника Бошкоска и Драган Караџовски од Специјална олимпијада на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.