Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска се сретна со амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, при што ја истакнала досегашната одлична соработка помеѓу двете земји во областа на образованието.

Министерката Јаневска изрази благодарност до француската Влада и народ за поддршката која ја добива земјава во процесот на интеграција во Европската Унија, напоменувајќи дека Франција е важен сојузник во приближувањето кон европските образовни вредности.  Јаневска на средбата информираше за промените во основното и средното образование, со ревизија на Концепцијата за основното образование, за процесот на изготвување на Законот за средно образование и Законот за средно стручно образование, како и за чекорите кои Владата ќе ги преземе за унапредување на воспитно-образовниот процес во земја, соопшти Министерството за образование и наука.

На средбата се разговарало и за изучувањето на францускиот јазик на сите нивоа на образованието и можностите за негова поголема популаризација.

Соговорниците изразија очекувања дека досегашната соработка насочена кон унапредувањето и интензивирањето на образовните практики ќе продолжи и во иднина, наведува МОН во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.