Со потпишувањето на протокол за соработка во областа на науката, технологијата и иновациите, што треба да се случи до крајот на календарската година, Македонија и Турција уште повеќе ќе ги зацврстат добрите билатерални односи, обезбедувајќи нови можности академскиот кадар и наставно – научната фела во двете земји.
Оваа тема беше во фокусот на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој, на која двете страни изразија задоволство од добрите досегашни односи меѓу државите и очекувања за взаемно делување и во иднина, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
Министерката Јаневска на состанокот информираше за тековните активности на министерството во насока на обезбедување поквалитетен образовен систем. Сподели и дека над 8000 ученици следат настава на турски наставен јазик во македонските училишта и дека грижата за квалитетно образование на турската заедница, како и за сите останати во државата, ќе продолжи да биде интензивна и подеднаква во иднина. Информираше и за активностите кои се веќе започнати во министерството, а се дел од новата програма за работа на институцијата.
Честитајќи и на министерката за именувањето на позицијата, амбасадорот Улусој изрази подготвеност за соработка и нови иницијативи во сите образовни сегменти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.