Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, имаше средба со амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер.
Како што соопшти кабинетот на Андоновски, во фокусот на разговорите биле проектите, активностите и целите на Министерството за дигитална трансформација.
Нашата заложба за дигитализација не е само технички проект; тоа е дел од нашата стратегија за изградба на почесно и поодговорно општество во служба на граѓаните, истакнал Андоновски на средбата.
Соговорниците се согласиле дека безбедносните предизвици во сајбер просторот се сериозна закана за постојниот меѓународен поредок. Воедно, била нагласена потребата од заеднички пристап и стратешка размена на информации и искуства особено меѓу НАТО сојузниците, во насока на успешно справување и надминување на сајбер заканите кои стануваат сѐ побројни, поразновидни и пософистицирани.
Била потенцирана отвореноста на САД за соработка и продолжување на спроведувањето на реформите и системските мерки, кои се од огромна важност за дигитална трансформација на процесите во државата.
Дигитализацијата не е само технологија; таа е алатка за транспарентност, отчетност и ефикасност. Со воведувањето на електронски услуги и дигитални системи, можеме да ги елиминираме многу од точките каде што корупцијата најчесто се јавува. Дигиталната трансформација на процесите е важен елемент во справувањето со корупцијата, било заклучено на средбата од страна на соговорниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.