Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници. Причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катстарските ИКТ системи, информираше денеска на прес-конференција директорот на АКН, Борис Тунџев.
Тој ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на Комората на геодетски друштва, Никола Рибаровски за „енормен раст на цените на катастарските услуги“ и посочи дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво.
Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени. Напротив, тоа се цени кои се на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност, рече Тунџев.
Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.
На брифингот за новинари сакаше да присуствува и претседателот на Комората Рибароски, што не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може да побара прием за разговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.