Министерството за труд и социјална политика ги известува граѓаните, дека согласно Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, списоците на корисници на финансиска поддршка согласно овој закон се објавени на веб страната на Министерството.
Доколку, некои од граѓаните/корисници во категориите опфатени со овој закон, не се во списокот, а сметаат дека ги исполнуваат условите можат да поднесат приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка која ја формира министерката за труд и социјална политика, во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.
Комисијата, по поднесените приговори одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот. Притоа, Комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот. Рокот за приговор е 3 дена, сметано од 06.12.2022 година, заклучно со 09.12.2022 година.
Министерството за труд и социјална политика информира и дека, исплатата на финансиската поддршка, согласно овој закон, за корисниците на правата од социјалната и детската заштита ќе биде на 12.12.2022 година, а за корисниците на паричен надоместок по основ на невработеност, исплатата ќе биде на 14.12.2022 година. На корисниците на пензија и корисниците на правото на надоместок за телесно оштетување финансиската поддршка за месец декември е исплатена со исплатата на ноемвриската пензија.
Со цел подобра информираност на граѓаните, Министерството за труд и социјална политика потенцира дека исплатата на средствата кои се дел од финансиската поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза се исплаќаат одвоено од редовната месечна исплата на средствата кои произлегуваат од правата од социјална и детска заштита.
Министерството информира и дека списоците се објавуваат согласно член 17, член 18, и член 19 од Законот за заштита на лични податоци, а во врска со член 5 од Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза.
Линк до веб: http://bitly.ws/xuIM
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.