Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Тирана, каде учествуваше на двете пленарни сесии предвидени за првиот ден посветен на областа Внатрешни работи од годишниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан, се сретна претставници на друштвата на македонската заедница во Република Албанија.

Претставници од македонските друштва „Сонце”, „Илинден” , „Мир”, нашинци кои живеат во пограничните области, Голобрдо, Елбасан и Преспа, како и претседателот на македонската Алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, упатувајќи благодарност поради слухот што оваа Влада и министерот Спасовски го имаат за потребите на Македонците во Албанија, ги претставија нивните идеи и размислувања околу предизвиците со кои се соочуваат во Албанија, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Спасовски на средбата, која се одржала во просториите на Амбасадата во Тирана, подвлекол дека целта на ваквите средби е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.

Македонската заедница во Голобрдо изразила интерес за изнаоѓање начин за продолжување на работното време на граничниот премин Џепиште Требиште, со што во голема мерка би се подобриле условите за живот на локалното население.

Министерот Спасовски најавил дека заедничката седница на Владите на Македонија и Албанија, ќе се одржи кон средината на овој месец во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.