Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека има можност да се отвори постапка за проверка на финансиските текови околу продажбата на ТЦ „Соравија“, со која како што беше објавено вчера, со 39 проценти удел ќе се стекне Дрин Ахмети.

Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред се финансиските текови, и секако дека Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и на основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи, изјави Спасовски, на новинарско прашање дали МВР ќе провери како Дрин Ахмети се стекнал со 39 проценти од „Соравија“.

Во однос на случајот и истрагите за градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко откако пред една недела беше ставен на Црната листа на САД посочи дека МВР како институција е подготвена да постапува по сите наредби кои ќе ги добијат.

Ние дадовме многу конкретни информации во однос на оваа состојба, во однос на предметите кои се водат беа изнесени точно и од страна на Јавното обвинителство во делот на овие постапки. Така што, ние сме тука како институција да постапуваме по сите наредби кои ќе ги добиеме не само за конкретниот случај туку и за сите останати, меѓутоа, да, има случај за ова и се наоѓа пред обвинителство, изјави министерот Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.