Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на втората седница на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија, информира дека се водат финансиски истраги за околу седум лица од Клиниката.

Секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт, изјави Спасовски, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.

Спасовски информира дека во времето додека Беким Сали бил министер за здравство не е пријавено ниту едно кривично дело во ОЈО или МВР за Клиниката за онкологија.

Првото дејствие го преземаме на 1.9.2023 година, кога сосема друг е министер. Ниту претседател на државата, ниту премиер, ниту некој друг не може да изврши притисок на ова што го работиме и да ги негира доказите кои што сме ги обезбедиле со Основното јавно обвинителство, рече Спасовски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.