Министерот Спасовски во интервјуто за МРТВ покрај за реформските процеси зборуваше и за подобрувањето на условите за работа на полициските службеници, потенцирајќи дека само задоволна полиција е гарант на безбедноста на граѓаните и општеството.

„МВР беше премногу затворена институција, без никакво пласирање информации во јавноста и таква беше и перцепцијата на граѓаните за министерството. Сето тоа го променивме. Од нискиот степен на доверба од граѓаните денес имаме висока доверба и сме една од најтранспарентните институции според релевантни мерења. Заедно со полициските синдикати, пред сѐ со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, ги согледавме сите потреби на полициските службеници и на основа на расположивите средства кои ги имавме во буџетот, направивме детален план што е тоа што треба да го промениме”, објасни министерот Спасовски.

„Имавме полициски станици кои над 50 години не беа реновирани. Веќе имаме целосно реновирано 76 објекти, имаме два нови за промовирање и овие месеци почнуваме со целосна реконструкција на највиталниот објект за МВР – Центарот за обука. Ќе продолжиме со целосна реконструкција на Управните служби во зградата на МТВ кои се лицето на МВР пред граѓаните, градба на нова полициска станица во Аеродром и во многу скоро време ќе ја пуштиме новата зграда на Форензичкиот центар и на новиот податочен центар во Прилеп за заштита на електронските податоци. Тука е и набавката на нови униформи за над 10 милиони евра на сите полициски единици, покачувањето на платата на сите во МВР за 5% од септември оваа година, кое е трето покачување во овој мандат”, потсети за дел од инвестициите во МВР министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потсети дека се вложува и во делот на потрошувачката на енергија со енергетски фасади и прозорци, како соларни панели за топла вода со цел да се заштедат буџетските пари кои се пласираат за другите поважни цели.

Тој посебно го потенцираше фактот што сите активности и инвестиции во овие години се направени со истиот буџет, кој бил и претходно и пред 2017 година, што претставува  показател како рационално денес се користат парите на даночните обврзници за разлика од тоа што беше претходно, до 2017 година.

Според министерот Спасовски, трендот да се вложува во безбедноста ќе продолжи и во наредниот период, имајќи предвид дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.