Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Вашингтон, САД оствари средба со помошникот државен секретар, амбасадорот Тод Робинсон од Бирото за прашања поврзани со спроведување на законите и илегална трговија со наркотици, во рамки на Стејт Департментот на САД.

Како што соопшти МВР, заблагодарувајќи се за средбата министерот Спасовски истакнал дека таа дава значајна можност да се потврдат и да се зајакнат заемните заложби во борбата против илегалната трговија со наркотици која е високо поставена на заедничката агенда.

Токму вашата експертиза и искуство во оваа област се од непроценливо значење за нас и сме благодарни за секаков вид на поддршка и соработка што можеме да ја добиеме од Соединетите Американски Држави. Впрочем, за тоа говорат и заеднички координираните акции со ДЕА, а како исклучитено значајни би ги издвоил акциите меѓу македонската и грчката полиција, како и македонската и албанската полиција, односно во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција во кои беа запленети 429 килограми кокаин. Станува збор за акции реализирани по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција, истакнал Спасовски.

Министерот за внатрешни работи го информирал Робинсон за постигнатите резултати на МВР во делот на сузбивање на недозволена трговија со дрога, како најдобри резултати во последните 30 години.

Во оваа прилика, министерот Спасовски предложил иницијатива за склучување акциски план за реформирање и одржување на кривично правниот систем, како и развивање и воведување на неопходната архитектура за меѓународна контрола на наркотици и прекугранична соработка во областа на спречување на трговијата со дрога.

Спасовски истакнал дека во нашата земја воспоставен е таканаречен „Фронт за борба против корупција“, кој не претставува нова институција или збир од повеќе институции, туку едноставно – механизам за чија цел е осигурување еднакво функционирање во текот на целиот процес на преземање дејствија и отстранување на недостатоците со кои се соочуваме во различните сегменти на сузбивање на овој вид криминал.

Борбата против криминалот и корупцијата никогаш нема да бидат ефикасни доколку процесните дејствија немаат завршница, доколку ако судот утврди дека некое лице стекнало нешто на криминален начин – тоа нешто не биде одземено и вратено на државата. Поддршката од Владата на САД би била повеќе од добредојдена – осигурување на еднообразен начин на дејствување на сите надлежни институции во борба против корупцијата на начин на кој секоја карика во кривично-правниот систем ќе постапува сообразно, последично и ефикасно согласно своите законско утврдени надлежности, рекол Спасовски.

Помошникот државен секретар изразил задоволство од средбата со Спасовски. Како одличен познавач на состојбите во регионот тој, како што се наведува во соопштението, бил импресиониран од презентираните достигнувања и му честитал на министерот за одличните резултати во борбата против организираниот криминал и дрога. Го охрабрил дека и во наредниот период на реформи ја има неговата поддршка и стои на располагање во борбата со корупцијата, вклучително и обуки за полициските службеници и експертиза.

Робинсон рекол дека безрезервно продолжуваат со поддршка и соработка на институциите во Република Македонија во борбата со корупцијата и дека на тој пат Македонија не е сама.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.