Од она што денеска беше соопштено во јавноста при поднесувањето на предлогот за работа и состав на новата влада јасно е дека не постои јасен план во делот на економијата, нема јасни правци за стратешките интереси, а кадровскиот потенцијал што се нуди не одговара на очекувањата на граѓаните, рече денеска во изјава за медиумите координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
„Од поднесениот предлог за состав на новата влада може да се констатира дека се продолжува во насока на големи ветувања и напразно кревање на очекувањата на граѓаните. Во суштина, важи народната: каде што имаат големи ветувања, одете со мала торба“, рече Спасовски.
Не постои јасен план во делот на економијата, додаде тој.
„Не постои јасен план во делот на економијата. Како и на кој начин ќе се заштити минималната плата? Како ќе расте просечната плата во државата? Нема детален план како ќе растат пензиите и кој ќе биде системот на гарантирање на растот на пензиите. Како ќе се стопираат зголемувањата на цените, што ќе се прави во делот на здравството како еден од клучните сегменти“, посочи Спасовски.
За жал, немаме ниту јасни правци за исполнување на нашите стратешки интерери, членството во ЕУ, освен декларативните, потенцира Спасовски.
Кадровскиот потецнијал што се нуди не може да одговори на очекувањата на граѓаните ниту, пак, на ветувањата што беа дадени во предизборниот период, додаде тој.
„Ова ќе биде влада која е составена, од една страна, со кадри што креираа политики во еден период на вледеењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година, кои не може да понудат ништо ново или подобро од она што било во тој период. Од друга страна, кадри што не биле на позиции и за кои не можеме да кажеме како ќе постапуваат. Има предложени кадри за кои самата ВМРО-ДПМНЕ имаше многу негативни ставови и мислења како опозиција. Се сеќавате на изјавите за кандидатот за министер за здравство, така што сето тоа уште еднаш потврдува дека нема реалност во ветувањата. Детаљно ќе ја анализираме програма и на седницата за избор на влада ќе дебатираме со факти и аргументи“, рече пратеникот Оливер Спасовски денеска во изјава за медиумите во македонското Собрание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.