Министерот Оливер Спасовски беше почесен гостин на дружењето на граѓаните и полицијата во Струмица, по повод одбележувањето на Денот на полицијата – 7 Мај под мотото „МВР за граѓаните“ .
„Ќе се согласите со мене дека е невозможно да дискутираме за партнерство меѓу граѓаните и полицијата, без тоа партнерство да го промовираме на терен. Целта е нашите граѓани одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема, со сето она што значи индикатор на успех на нашиот план за континуирано материјално-техничко опремување и унапредување на капацитетите на полицијата”, изјави министерот Спасовски пред присутните граѓани и медиумите во Струмица, давајќи осврт на сработеното во изминатиот период во насока на остварување на приоритетот – задоволна полиција за безбедни граѓани.
Министерот Спасовски информираше и за активностите кои Министерството ги има проектирано за периодот што следи, како што е дополнителното покачување на платата за 5% за сите вработени во МВР започнувајќи од месец септември годинава, како и продолжување на активностите за создавањето подобри услови за работа преку реновирање на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, а преку капитални инвестиции во текот на 2022 во тек е реконструкција на два витални објекта – Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.
На сите пет локации низ државата присутните имаа можност да се запознаат одблиску со високите стандарди на опремата со која располага Министерството, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптерите на полицијата. Припадниците на Единицата за брзо распоредување ја искористија можноста пред граѓаните да прикажат боречки вештини и техники за самоодбрана, а припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар”, поточно од специјализираниот алпинистички тим, пред присутните покажаа вештини за алпинистичко спуштање.
Ваквото малку поразлично чествување на Денот на македонската полиција претставува и одлична можност за едно порелаксирано дружење на нашите граѓани со припадниците од сите организациони единици на полицијата, кое покрај забавниот има и едукативен карактер во врска со полициската професија, а во интерес на сите генерации. Ова раководство на МВР секогаш ќе биде во служба на граѓаните, демонстрирајќи дека севкупната безбедност претставува врвен приоритет”, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски во свое и во име на раководството на МВР во оваа пригода ги покани граѓаните да бидат дел и од централната манифестација на 7 мај на Градскиот плоштад во Делчево, со почеток од 12.30 часот, која ќе може да се проследи и во живо на програмата на МРТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.