Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во својство на домаќин на јубилејната 50. Европска регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид, пред медиумите потсети дека трите децении членство во организацијата се сведоштво за посветеноста и подготвеноста за активна глобална полициска соработка, континуирана размена на идеи, оперативни податоци и заеднички активности чија цел е глобална безбедност преку поврзување на полициите во едно глобално полициско семејство.
„Последните геополитички случувања на глобално ниво, надополнети со дигитализацијата и технолошкиот развој, покажаа дека сме исправени пред софистицирани заеднички безбедносни предизвици, кои бараат и заедничка одговорност, здружен пристап и обединети напори“, посочи Спасовски.
Тој на прес-конференцијата со Генералниот секретар на Интерпол Јирген Шток потсети дека Интерпол е клучната организација за обезбедување на глобалната безбедност, „наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи“.
Македонскиот министер за внатрешни работи нагласи дека како членка на Интерпол државата разменува информации со членките и Генералниот секретаријат, а има и увид во глобалните криминалистички бази на податоци.
„Но, ние како држава и придонесуваме кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Нашата посветеност кон Интерпол се одразува во бројните активности на национално, регионално и глобално ниво, а нашите заложби се насочени кон размена на круцијалните податоци за поддршка на истрагите ширум светот. Континуирано се фокусираме кон аплицирање на модерни методологии што ќе обезбедат исклучителна и ефикасна превенција, примена на најиновативни решенија за полициските и безбедносните прашања, а со тоа и зајакната борба против глобалниот криминал“, рече тој.
Во контекст на одбележувањето на стогодишнината на Интерпол, тој посочи некои од многуте успешни активности и операции реализирани последнитее неколку години, спроведени во рамки на оваа воспоставена соработка. Истакна дека Националното централно биро на Интерпол во Скопје, во рамки на МВР, континуирано разменува оперативни информации, сознанија и податоци од областа на меѓународните потраги по лица и возила, насилниот криминал и тероризам, финансискиот криминал, недозволената трговија со дрога и оружје, проверки за оригиналност на документи, идентификација на лица и слично.
„Нашето Министерство активно учествува во оперативни акции координирани од Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ, насочени кон воспоставување механизам за размена на податоци за сомнителни профили на лица инволвирани во терористички активности, кои ги користат мигрантските рути заради полесно инфилтрирање, како и за употреба на импровизирани експлозивни направи. Интензивно се одвива и соработката со странските полиции во споделување податоци заради поуспешно справување со актуелните предизвици во областа на криумчарење мигранти и трговија со луѓе“, рече Спасовски. Тој потсети дека во рамки на една од таквите операции на Интерпол се идентификувани трaнсконтинентални рути за криумчарење мигранти, трговија со луѓе, илегални мигранти, спроведени се контроли на гранични премини и иницирани нови меѓународни истраги, при што во земјата се идентификувани 270 илегални мигранти. Како други активности тој посочи на активностите за спречување илегална трговија со украдени возила, спречување шверц и илегална трговија на животни, недозволена трговија со културни добра и предмети од културно и археолошко значење…
„Ова е уште еден показател дека борбата против целокупните современи глобални предизвици е зајакната, поуспешна и поефикасна преку неопходниот глобален и регионален пристап, активната оперативна соработка и заедничките стратегии во делувањето. Особено имајќи ја предвид геостратешката позиционираност на нашата држава, во која се вкрстуваат и многу криминални рути, поврзувајќи го Истокот и Западот. Со оглед на активноста што МВР ја има на полето на регионалната и меѓународната соработка, како и на спроведените сериозни реформи во институцијата, можеме да се пофалиме со намалување на криминалитетот и постигнати најдобри резултати во последниве 30 години во справувањето со современите безбедносни предизвици, како што се недозволената трговија со дрога и оружје, нелегалната миграција и криумчарењето на мигранти, трговијата со луѓе и слично, што придонесе да бидеме оценети како кредибилен партнер за соработка и пример во регионот“, рече министерот Спасовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.