Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавнa безбедност, Сашо Тасевски ги посетија децата и семејствата на загинатите припадници на полицијата во одморалиштето на МВР во Пониква, Кочани, каде што имаа заеднички ручек и дружење во рамки на неколкудневниот престој на децата во одморалиштето.

На средбата, министерот Спасовски изразил задоволство што повторно има можност да се сретне со децата и семејствата на загинатите припадници на МВР и да поразговараат за актуелни прашања од важност за нив.

Во соопштението на МВР се наведува дека Спасовски истакнал дека тој и раководството на МВР се нивни пријатели и поддржувачи и оти партнерството со здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ и сите негови членови продолжува и во иднина.

Нема држава во чиишто темели не се вградени и животите на нејзините најдобри синови. Тоа со што нашите херои нѐ задолжија, се враќа само со дела, со хумани, професионални и благородни дела, со сѐ она добро, чисто и честито поради што тие воопшто и ги положија своите животи. Ова ме задолжува мене како министер, раководството на Министерството за внатрешни работи, но и сите останати институции да бидеме секогаш тука за вас, како нивни најблиски, и да направиме сѐ што е во наша надлежност, кога за тоа постои законска основа, да одговориме позитивно на вашите барања – изјавил Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.