Мислам дека идејата на Мицковски за промена на Уставот со одложена важност е преземена од тврдењето на Никола Димитров дека со тоа би бил исполнет условот за внесување на Бугарите во Уставот, но не и делот од вториот протокол со Бугарија во кој сме се согласиле тоа да важи веднаш, изјави во разговор за Рацин.мк професорот и поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија Ѓорѓи Спасов.

Спасов се повикува на Димитров кој смета дека Уставот може да се смени и со тоа се почитува Рамката за преговори со ЕУ, а со уставен закон ќе се наведе дека таа промена ќе стапи во сила кога Бугарија ќе го потпише пристапниот договорот за членство на Македонија во ЕУ.

На прашање како на ова ќе одговорат во Софија со оглед на тоа дека досега се изричити со својот познат став, Спасов вели дека е малку веројатно дека Бугарија ќе го смета ова за решение.

Но, треба да сфатиме дека кај нас уште долго нема да биде можно изнаоѓање решение за започнувањето разговори без добивање некаква, па дури и симболична отстапка од Бугарија и од ЕУ, смета Спасов.

Спасов уште вели дека „иако на прв поглед изгледа како рекламата за космодиск ‘шашаво’ тоа може да се покаже како излез, но со вложување дополнителни дипломатски напори“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.