Советот на Општина Охрид денеска поради технички причини ја прекина седницата на која меѓу другото требаше да се расправа и одлучува по предлог-одлуки за легализација на дивоизградени објекти на потегот на крајбрежјето на Охридското Езеро, како и во опфатот на Нацоналниот парк „Галичица“.
Предлог-одлуките за легализација беа оспорени од страна на еколошките движења, со забелешка дека се работи за легализација на објекти во строго заштитената зона за која има забрана за легализација.
Од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ пред седницата се огласија со предупредување до советниците дека мора да се запознаени со статусот на крајбрежјето, а тоа е дека во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање.
Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување. Уште поважно, ваквата легализација е спротивна на препораките на УНЕСКО, при што за нелегалните градби треба да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина и Оцена за влијанието врз културното наследство и согласно тоа, да се одлучува дали објектот може да се легализира или не, потенцираат од „Охрид SOS“.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за медиумите по прекинувањето на седницата на Советот истакна дека сите предмети што се доставени до Советот да одлучува по нив се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти, а за нив позитивно мислење е добиено и од Националниот парк „Галичица“ и ресорното Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од комисиите на местото се констатирани објектите и состојбите, од архитектите е утврдено дека сите се надвор од зоната од 50 метри, така што сите предмети што се доставуваат до советниците на одлучување се во согласност со Законот и Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион, рече Китески.
Инаку, членот 5 од одлуката на Советот на Општина Охрид од минатиот месец вели дека „постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат во крајбрежниот појас на Охридското Езеро дефиниран со Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029) и во рамките на Студенчишко блато – согласно ГУП на Охрид, УЗ 17 УБ 17.1 (строго заштитена зона-Студенчишта)“.
Од „Охрид SOS“ посочуваат дека во крајбрежниот појас од 50 метри што е назначен во Планот за управување до донесувањето на Урбанистичкиот план за крајбрежје, секако не дозволува ниту изградба, најмалку легализација.
Истиот појас е заштитен и со Закон за водите. Така што одлуката на Советот, доколку се земат само 50-те метри е бесмислена и не значи ништо за заштита на вредностите на регионот, велат од „Охрид SOS“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.