Советот на амбасадори во врска со францускиот предлог за одблокирање на пристапниот пат на Македонија кон ЕУ, смета дека членството во ЕУ нема алтернативи и е не само од стратешко значење за нашата држава туку и безбедносно прашање за целиот регион.
Како што велат од таму, ги поздравува напорите на претседателот Макрон и на канцеларот Шолц, како и на другите лидери и дипломати на ЕУ и САД, кои активно ја подржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ.
Во отсуство на јавна објава на интегралниот текст на Францускиот предлог, кој ја бранува македонската јавност и создава бројни негативни реакции кои го јакнат евроскептицизмот и национализмот во државата, Совет на Амбасадори смета дека треба најнапред да се добие целиот текст, внимателно да се анализира, а потоа да се заземат соодветни позиции кои ќе ги одразуваат долгорочните национални интереси на државата и нејзините граѓани.
Совет на Амбасадори смета дека преговарачката рамка претставува мултилатерален документ, чија намена е да послужи како водилка за темелно реформирање и пристапување на државата- кандидат кон Европската Унија.
Изразуваат надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе усвојат рамка која ќе го отсликува мултилатералниот карактер на документот, а Бугарија ќе биде на ниво на пријателска држава во чиј национален интерес е соседната држава Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.
Советот смета дека утврдувањето на „Преговарачката рамка“ и управувањето со механизмите за нејзино спроведување треба да биде реализирано од Брисел, а не Софија. На тој начин,,како што оценуваат, ќе се намали можноста за „зачестени блокади“ на пристапниот процес, од што најмногу стравуваат граѓаните на нашата држава.
Советот се надева и очекува ЕУ да има доволно чувство за реална проценка на политичката состојба во Македонија и да не го условува почетокот на преговорите со донесувањето на уставните промени, туку таквиот процес да биде поместен за кога тоа ќе го дозволат политичките и општествените услови.
Совет на Амбасадори уште еднаш подвлекува дека сегашниот консенсуален начин на донесување на одлуки ги блокира процесите на одлучување во Унијата, и неодамнешната констатација на Канцеларот Олаф Шолц дека „ЕУ треба да ги модернизира структурите и процесите за носење одлуки„ го смета за вистински исчекор кон нејзино реформирање“, е потенцирано во нивната реакција.
Апелираат до Владата да го сочува достоинството на граѓаните и да ги почитува и опстои на црвените линии за зачувување на идентитетот и интегритетот на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.