Балкански центар за конструктивни политики Солуција e име на ново политичко движење или нова невладина организација на Никола Димитров, објави МКД.мк. Засега како дел од Солуција, движењето или невладината организација на Димитров, се споменуваат неколку новинарски имиња од Македонија.

Во гостување на ТВ 21, Димитров рече дека тој не престанал да биде активен во политиката по напуштањето на функцијата, но според најавата, тој наскоро ќе обзнани враќање на сцената преку граѓанско движење или политичка партија со која би настапил на следните избори.

Јас долго време јавно зборувам дека не сум престанал да бидам активен. Сум работел со речиси сите и со сите сум се разишол и мислам дека тоа е здраво оти човек кога верува дека се фатиле кривини и не се оди по вистинскиот пат, многу е поздраво да се држи до своето убедување и совест отколку да вика магарето лета … Јас во блиска иднина ќе обзнанам на јавноста во каква форма ќе делувам, така што не би можел сега тој план да го обзнанам. Тоа што можам да го кажам е дека ние имаме проблем како граѓани, дека работите не ни се добри во државата, дека тој проблем нема да ни го реши друг – може да ни помагаат нашите пријатели и од Брисел и од Вашингтон, дека политичките партии нема да се разбудат и да кажат ’малку претеравме, можеби треба поинаку сега, подобро и на друг начин да ја водиме политиката‘. Граѓанството ќе мора да ги натера тоа да го прават – рече Димитров.

На дополнително прашање дали со ова потврдува дека политички ќе се активира, тој рече дека првиот чекор е да се види колку граѓани има што гледаат дека работата не е добра, колку граѓани има што сакаат во оваа држава да има ред и законот да важи на целата територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.