Премиерот Димитар Ковачевски денеска изрази сочувство до семејството за ненадејната смрт на д-р Владимир Глигоров.

Длабоко сочувство до семејството за ненадејната смрт на д-р Владимир Глигоров. Д-р Глигоров беше познат политиколог и економист чии што истражувања имаа придонес во политиките на државите во регионот. Неговите анализи во делот на макроекономијата, финансии како и економскиот раст на земјите во транзиција, и натаму ќе бидат користени како патоказ при креирање на економските политики, напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук.

На 78-годишна возраст вчера во Виена ненадејно почина познатиот економист и политиколог Владимир Глигоров, син на Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија.

Глигоров е роден во Белград каде ги завршил основните и магистерските студии, а докторирал во 1977 година на Универзитетот „Колумбија” во Њујорк.

Работел на Универзитетот во Белград, на Институтот за економски науки, а од 1994 година беше вработен на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде најмногу се занимавал со Западен Балкан, особено со Македонија, Србија и Црна Гора.

Во своите истражувања особено се занимаваше со долгорочниот раст на земјите во транзиција, макроекономските анализи и финансиските пазари.

Глигоров беше постојан соработник на „Oксфорд аналитика”, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани, пишуваше за „Wall Street Journal” и имаше редовни колумни во неколку дневни весници и неделници во Југоисточна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.