Собранието вечерва со 84 гласа за, ниту еден против и пет воздржани го изгласа дневниот ред на 64-та седница, на која се предложени 11 точки.

Дневниот ред беше усвоен по целодневна расправа во тек на која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа првата точка од дневниот ред – Предлог – одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели, да се смени со други точки од дневниот ред. Обвинија за прекршување на собранискиот Деловник и оти мнозоинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, оти, како што велат, во таа Комисија им е потребно мнозинство за да ги аминуваат штетни политички одлуки.

Од владејачкото мнозинството пак оценија дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела. Според нив, по преминувањето на БЕСА во опозиција, пратеникот Зендели како член на оваа партија треба да го отстапи местото претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања на СДСМ, како што се повлече и од позицијата потпретседател на Собранието.

Комисијата за избори и именувања нема одржано седница откако БЕСА премина во опозиција, со што власта го изгуби мнозинството во ова тело.

Во тек е расправата за Предлог одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која е  поднесена од  Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Жаклина Лазаревска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.