Собранието на Република Македонија попладнево, во рамки на 126. седница, ја донесе Одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во БиХ. Донесе и уште неколку одлуки: за објавување јавен оглас за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки и за распишување јавен оглас за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор.

Собранието отфрли и неколку автентични толкувања: на членот 59-ѕ од Законот за градење, на членот 117 став (4) од Законот за работните односи, на членот 27 став (1) од Законот за судска служба, како и на членот 187 со член 161 ставови (2 ) и (6) од Законот за високото образование.

Пред донесувањето на Одлуката за испраќање припадници на Армијата во „АЛТЕА“, за збор се јави пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека сака да укаже на, како што рече, незаконското работење на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Одбраната, според Ковачки, не треба и не смее да биде ничија играчка, ниту извор на корупција.

Ќе гласаме за овој Предлог, но за испраќањето војници во мисиите сакам да укажам на незаконското работење на Славјанка Петровска. За да имаме здрав војнички капацитет потребни ни се материјални и човечки ресурси. Материјалните се девастирани откако СДСМ дојде на власт, претпоследни сме во НАТО, појаки сме само од Црна Гора. Човечкиот потенцијал има сегмент кој се нарекува морал, но од моментот на доаѓањето на СДСМ во Армијата се шири деморализација на војниците, истакна Ковачки, изнесувајќи неколку примери.

Во тек е расправата околу Предлог-одлука за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври”.

Собранието претпладнево ги донесе законите за данокот на солидарност, за додадена вредност и за данок на добивка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.