Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централно одбележување на Рождеството Христово-Божик, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржа архиерејска литургија на Св.Василиј Велики. Во пресрет на празникот, што денеска го празнуваат сите православни христијани во земјава, имаше и божикни литургии во сите храмови на Македонската православна црква.

Г.г. Стефан упати порака дека ни е потребно духовно и национално единство за да опстоиме како Црква и како народ.

-Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: „Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа, порача г.г. Стефан за време на својата литургија.

Како што додава, потребно е да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска присуствуваше на Архиерејска литургија, во име на Владата и МВР на сите граѓани им посака многу здравје, среќа и единство.

-На сите православни верници им посакувам честит Божик, духовен мир, многу здравје, среќа, единство што е најмногу потребно, а на сите граѓани да посакам здравје, среќа и заеднички да празнуваме, заеднички да ја градиме Македонија со просперитет и напредок за секој, изјави Спасовски, по богослужбата на Архиепископот г. г. Стефан.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска по литургијата во Соборниот храм, испрати честитка до сите православни христијани и им посака мир, здравје и љубов.

-На Македонската православна црква, на нашиот македонски народ, на сите православни христијани би сакала денеска да им го честитам Божик, во секој дом да им мир, хармонија, здравје, љубов и сето она кое што сакаме да го покажеме пред нашите ближни во оваа година да го добиеме за возврат, изјави Арсовска по одржување на литургијата.

И лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски по завршувањето на Архиерејската литургија го честита големиот христијански празник.

-Го честитам Божик на семејствата, пред се здравје и среќа, а потоа многу мудрост и трпение и на сите граѓани им посакувам да им се оствари се што посакуваат, изјави Мицкоски.

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање. Тој посочи дека годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди. Како што рече, предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас.

-Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина, се вели во честитката на Пендаровски.

Во својата честитка во пресрет на христијанскиот празник, премиерот Димитар Ковачевски порача дека раѓањето Христово – Божиќ, секоја нова година, симболизира нов почеток и со тоа отвора нова можност, поискусни, помудри и со чисти мисли да пристапиме кон нови добри дела, што носат добро за сите.

-Само солидарни, истрајни во вербата и со храбри чекори напред, како што покажува и Христовото дело, можеме да го постигнеме посакуваниот спокој и да осигуриме просперитет. Божјата светлина нека засвети во сечие срце, се вели во честитката на Ковачевски.

И претседателот на Собранието Талат Џафери во својата честитка посака празникот да ги грее срцата со човештво, солидарност, взаемна почит и разбирање меѓу сите граѓани.

-Нека празникот, со сето свое волшепство рефлектира топлина во овие зимски денови, нека ги грее срцата со човештво, солидарност, взаемна почит и разбирање меѓу сите граѓани, и меѓу оние што го слават овој голем празник, и меѓу оние што изразуваат почит кон него. Важно е да се споделува благородна мисла, убава желба и топла прегратка, вели Џафери во честитката за Божиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.