Демир Капија денеска го почна одбележувањето осумдесетгодишнината од ослободувањето од фашистичката окупација со рекреативно спуштање со кајак и рафтинг по реката Вардар.
Како што соопштуваат од Општина Демир Капија, за одбележувањето на јубилејот подготвена е петдневна програма исполнета со разновидни активности за секоја генерација.
Имаме низа активности со кои го одбележуваме значајниот јубилеен празник 7 Ноември, 80 години од ослободувањето на Демир Капија. Во чест на оваа важна годишнина, подготвивме петдневна програма, исполнета со разновидни активности за секоја генерација, кои го слават нашиот дух, традиција и иднина, информираа од демиркаписката локална самоуправа.
Оттаму појаснувааат дека активностите ќе се реализираат до седми ноември, а во нив се вклучени спортски, рекреативни и образовни настани, културно – уметничка програма и свечен протоколарен дел со доделување на награди и признанија за оние кои даваат значителен придонес за заедницата.
Овој јубилеј е повеќе од обичен празник, тој е спомен на жртвите и борбите што овозможија денес Демир Капија да биде град кој е слободен, жив и полн со потенцијал. Програмата е создадена со желба секој од нас да го најде своето место во овие пет дена. Празниците како овој ни даваат можност да се сетиме на нашите корени, но и да изградиме иднина со заеднички дух и ангажираност, подвлекуваат од Општината.
Свечената седница на Советот на Општина Демир Капија, како централен настан е предвидено да се одржи на 7 Ноември, во Домот на културата „Мирка Гинова“ Демир Капија, со почеток во 13 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.