Апелациониот суд Скопје денеска ги уважи жалбите на обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, ја укина првостепената пресуда и предметот „Организатори на 27 април“ го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје, соопштија од судот. Од Скопска апелација велат дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.

На 26 јули 2021 година, Основниот кривичен суд го осуди поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска во Основниот кривичен суд на 6 години и 6 месеци затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски на 6 години и три месеци затвор, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на 6 години затвор за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски – Боксер од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

„Првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење. Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постапувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“, се вели во соопштението на Апелациониот суд Скопје.

Понатаму, од Апелациониот суд Скопје велат дека при постапување со предметот, Основниот кривичен суд Скопје сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик.P



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.